Работилница за ГУП на Град Скопје 2012 – 2022 година

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалниците на 10-те скопски општини, претставници на министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање, на секторите за урбанизам од општините, како и членови на Партиципативното тело за урбанизам на Град Скопје денеска дискутираат за новиот Генерален урбанистички план на главниот град.

- Со општините третпат дискутираме за ГУП-от на Град Скопје. Ова е доказ дека Град Скопје работи на транспарентен начин и не сака да има никакви дилеми при донесувањето на ГУП-от, рече Трајановски пред средбата во хотелот „Континентал“.

Трајановски информира дека ќе се дискутира за еден план и за забелешките на општините.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски, ќе се дебатира за пренамена на земјиштето во ГУП-от, границите и сообраќајниците.

- Општина Ѓорче Петров има забелешки околу проширувањето на границите. Тоа се минимални промени кои ние ги баравме, а ги бараа и жителите на Ѓорче Петров. Имаме забелешки околу сообраќајниците кои во минатото беа под надлежност на Град Скопје, а сега се префрлени на општината, како „Алекса Димиевски“, „Сремски фронт“, изјави Митровски.

Тој објасни дека општина Ѓорче Петров нема сили и можности да ги одржува овие сообраќајници затоа што тие се собирни и треба да останат под надлежност на Град Скопје.

Градоначалникот на Кисела Вода Марјан Ѓорчев рече дека ќе се расправа и за преместување на просториите на општината од улицата „Првомајска“ кај Културниот дом во стара Кисела Вода и за пренамена на објектите што порано биле индустриски.

Ѓорчев нагласи дека во моментов во Кисела Вода, од Тутинскиот комбинат до улицата „Народни херои“, на исто место се индустрија, лесни сервиси и станбено живеење, кое, како што рече, не е природно.

- Сметаме дека со овие ситни забелешки Кисела Вода ќе биде доста атрактивно место за живеење, имајќи предвид дека сме на еден километар од центарот на градот. Локациите со новите булевари „Србија“ и „Првомајска“ ќе бидат извонредно атрактивни, рече Ѓорчев.

Проф. д-р Андреј Токарев од Агенцијата за просторно планирање вели дека работилницата има за цел да се расчистат сите дилеми и да се слушнат додатни забелешки, желби на општините, на граѓаните, на стручната јавност…

- Потоа сите да ги сумираме за да изготвиме еден солиден Нацрт, со кој ќе биде презентиран потоа Планот пред Советот на Град Скопје, рече Токарев.

Тој посочи дека општините имаат најмногу забелешки за намената на земјиштето.

Според него, зеленилото е голем проблем и тоа треба да се подобри, да се стави во систем од зелени површини и да се дојде до нивото на 12 метри квадратни уреден зелен птростор, како што е европската норма.

Коментари

коментари

Би можело да ве интересира: