Наскорo нема да требаат сини картони

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на прес-конференција соопшти дека до крајот на 2012 ќе може електронски да се пријавува и одјавува здравствено осигурување.

На овој начин фирмите по електронски пат ќе го известуваат Фондот за здравствено осигурување за промените, електронски ќе се спроведуваат пријавите и одјавите за избран лекар, што ќе им овозможи на здравствените работници да го известат ФЗО дека се избрани за матичен лекар на некој граѓанин, фирмитете ќе може електронски да аплицираат за издавање електронски здравствени картички и електронски ќе се проверува статусот на издадено здравствено осигурување, што ќе овозможи лесна проверка дали пациентите се осигурени, а тие ќе посетуваат лекар без да носат сини картони.

Овие четири услуги се дел од првата фаза на проектот „Електронско осигурување“, а од 2013 ќе почне и втората фаза во која ќе се воведуваат услуги во корист на осигурениците, како поднесување барања за поврат на средства за медицинско или болничко лекување, поврат на средства за ортопедски помагала…

Ѓорѓиев соопшти дека во системот за електронско здравствено осигурување ќе бидат функционални над 20  услуги кои етапно ќе бидат воведувани во наредните шест месеци и дека тоа ќе им заштеди време и пари на осигурениците зашто ќе нема потреба да чекаат пред шалтерите.  Покрај тоа, ќе има еднаква распределба на предметите, зашто подрачна единица со помалку предмети ќе ги преземе и незавршените предмети на друга, пооптоварена подрачна единица.

- Со воспоставувањето на овој систем и со овие услуги ќе се избегнат непотребни финансиски трошоци, нема да се одземе време за поднесување предмети на шалтер. Ќе се овозможи и поголема ефикасност на вработените во ФЗО…ќе се воедначи работата со што ќе се зголеми ефикасноста и брзата обработка и одговор по предметите, затоа што просторниот аспект веќе нема да има влијание, рече владиниот портпарол Ѓорѓиев.

Коментари

коментари

Би можело да ве интересира: