Најмалку 79 луѓе загинаа во торнадата кои ги погодија САД, а дури 70 од жртвите се во американската сојузна држава Кентаки, изјави гувернерот на таа држава, Енди Бешеар.

– Бројот на загинатите би можел да биде и поголем од 100, истакна Бешеар.

Најголеми разорувања се забележани во округот Грејвс, каде што се наоѓа градот Мејфилд, тврди гувернерот. Според официјалните податоци, во Мејфилд живеат околу 10.000 луѓе.

Најмалку уште девет лица ги загубија животите во околните држави, со што вкупниот број на загинати достигна 79.

Си Ен Ен објави дека бурата, која опустоши вкупно шест американски сојузни држави, од синоќа создала најмалку 30 торнада, предизвикувајќи огромни штети. Силното невреме ги погоди Арканзас, Илиноис, Кентаки, Мисури, Мисисипи и Тенеси.