По вчерашниот загрижувачки развој на настаните на вонредниот состанок на владиниот совет за национална безбедност што утрово го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, била анализирана ситуацијата, но и преземени неопходните мерки за непречено снабдување на земјата со природен гас, соопшти владиниот портпарол Јанис Иконому, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грција е во целосна координација со своите партнери во ЕУ и нејзините сојузници во НАТО во справувањето со настанатата ситуација, која претставува прекршување на територијалниот интегритет на Украина и основните принципи на меѓународното право. Во однос на грчките граѓани и нашите иселеници во Украина, грчките власти во Киев и Мариупол се во постојана готовност за да обезбедат било каква потребна помош, соопшти Иконому по завршувањето на состанокот.

На владиниот совет за национална безбедност присуствуваше и министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас, а според владиниот портпарол, на состанокот биле разгледани сите можни сценарија и преземени се сите неопходни мерки за продолжување на непреченото снабдување на државата со природен гас.