Околу 180 странски платеници се убиени, а значително количество странско оружје е уништено во руските воздушни напади врз тренинг центарот Јаворив во областа Лавов, во близина на границата со Полска, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, а пренесува РТ Војводина.

Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, изјави дека руските сили ќе продолжат да ги елиминираат странските платеници кои доаѓаат да се борат во Украина, пренесе Тасс.

Украинската страна претходно денеска соопшти дека најмалку 35 лица загинале, а 134 се ранети во напад на руските сили врз воената база Јаворив западно од Лавов.

Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников изјави дека во зградата на Меѓународниот центар за мир и безбедност работат странски воени инструктори, пренесе Ројтерс.

Софистицираното оружје со долг дострел ги погоди украинските воени објекти во селото Старичи и центарот за обука Јаворив, рече Конашенков, истакнувајќи дека режимот во Киев „создаде центар за борбена обука и координација за странските платеници пред да ги испрати во борбени операции против руските сили“.

Во текот на денот руските вооружени сили окупираа неколку помали украински населби и напредуваа девет километри на територијата на Украина, изјави претставникот на Министерството за одбрана на Руската Федерација (МО РФ), Игор Конашенков.

„За време на денешните офанзивни операции, руските вооружени сили ги окупираа населбите Павловка, Николское, Благодатное, Водјановка и Владимировка и напредуваа девет километри“, рече Конашенков, пренесува ТАСС.

Според него, единиците на Луганската Народна Република (ЛНР) продолжиле со офанзивните операции и го ослободиле градот Попаснаја од националистите.