Истите обвинители кои до сега не го гонеа и не го штитеа организираниот криминал добија нов мандат. Со истите овие обвинители и оваа власт на СДСМ и ДУИ Македонија стана најкриминална држава во Европа според сите мерења. Тоа е заслуга на истите обвинители кои денес одново добија функција, изјави на денешната прес конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа истакна дека ова се истите обвинители кои прогледуваа низ прсти на Ден Дончев и го пуштија да избега.

– Истите обвинители пуштаа на слобода и се откажуваа од гонење на осудени криминалци, мистериозно од затвор ослободуваа учесници во сообраќајни несреќи, не ги спроведуваа основните сомненија за злоупотреба од Зоран Заев и целиот негов тим за сите тендери во РЕК, за случајот „Рекет“, случајот „Дака“ и десетици други скандали. Поради истите овие обвинители нема одговорност за поделените пасоши за криминалците кои доаѓаат од целиот свет, посочи Митева.

Таа додаде дека првиот човек за гонење на организираниот криминал Рускоска треба да одговори зошто изборот на јавни обвинители не беше пренесуван јавно и зошто целиот процес не беше транспарентен и дали и што сакаа да сокријат со изборот на ваквите обвинители?