Прашање само на време е кога ќе биде отворен Уставот, ќе се направи и овој договор, вели лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети.

Тој ова го изјави ги коментирајќи ги евентуалните уставни измени со кои би се тргнале 20-те проценти во дефиницијата за Албанците во Уставот.

Ахмети не кажа дали сега е време тоа да се случи, но рече дека има добра волја од сите страни.

– Овие 20 проценти мора добро да се објаснат, 20-те проценти се инсталирани во Уставот на Македонија во одредено време за да се постигне компромис, бидејќи 20 отсто во Уставот на Македонија не ја нарушува суштината на унапредување на албанското прашање во Македонија. Направивме компромис и бевме сигурни дека со текот на времето ова прашање ќе дојде во најдобриот момент и ќе се смени и има добра волја од сите партии од првиот момент кога Уставот ќе се отвори за промени и унапредувања, ќе се реши, рече меѓу другото Ахмети.

– Спроведувањето на попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка ја прават за да добијат политички поени и рејтинг на политички план. Овој статистички потфат е менаџиран и мониториран од релевантни институции на ОН, од експерти од областа на статистиката и овој е резултатот, изјави денеска Ахмети.

Овие резултати беа политички поддржани и од Европската Унија и САД, додава Ахмети.

– Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300 илјади не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците… и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји. Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Внимателно ги слушав експертите за статистика на ЕВРОСТАТ кои го оценуваат како статистички потфат. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите, рече Ахмети на настан по пуштањето во употреба на фотоволтаичен покрив на Општина Чаир.