Западните санкции не придонесуваат за крај на конфликтот во Украина, изјави ирската европратеничка Клер Дејли за Глобал тајмс.

– Никогаш не ни помислив дека НАТО е таму за да ги заштити мирот и безбедноста во Европа. И ако луѓето мислеа дека тоа е неговата цел, тогаш сигурно никогаш не успеа да ја постигне. Претпоставувам дека Алијансата беше другата страна на Студената војна. НАТО никогаш и никаде не донел мир. Всушност, ги решава проблемите што самото ги создава. И мислам дека тоа многу јасно го покажуваат земјите како Либија и другите кои тие (членките на НАТО) успеаја да ги опустошат. Значи, тие воопшто не се мировни сили, не само во сегашната, туку и во минатите кризи, рече Дејли.

Европратеничката тврди дека со почетокот на руската операција во Украина, идејата за европска автономија исчезнала и дека земјите од ЕУ буквално се однесуваат како вазали на САД. Таа смета дека Европа, на тој начин, ги жртвува сопствените економски и безбедносни интереси за интересите на САД, кои се спротивставени на Русија.

– На крајот на краиштата, очигледно е дека е во интерес на граѓаните на цела Европа, вклучувајќи ги, пред сè, граѓаните на Украина, да живеат во мир со Русија на нашиот континент, да прават бизнис, да разменуваат култури, да тргуваат и да живеат во хармонија. А, единствениот начин да се постигне тоа е да се преговара за безбедност – не против Русија, туку со Русија. Но, за жал, Европа го прави токму спротивното, изјави европратеничката Дејли.