Амбасадорот на Чешка во земјава, Јарослав Лудва вели дека неговата држава, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, е подготвена да придонесе за мазно спроведување на францускиот предлог веднаш штом биде одобрен од Македонија.

-Чешка отсекогаш била силен поддржувач на С. Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Како претседателство со Советот на ЕУ, подготвени сме да направиме се што можеме за да придонесеме за мазно спроведување на Преговарачката рамка предложена од претходното француско претседателство и да организираме меѓувладина конференција веднаш откако таа ќе биде одобрена од РС Македонија, вели чешкиот амбасадор на прашањето на „360 степени“ за официјалниот став на неговата влада.

Коментарот на амбасадорот Лудва доаѓа по изјавата на чешката ЕУ-аналитичка, Јана Јузова, дека, според она што го слушнала од чешкото МНР, „тие се многу вознемирени со Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји членки, туку само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина“.

Претходно, синоќа самата Јузова се дообјасни по ова прашање со објава на Твитер.

-Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка, напиша Јузова на Твитер.

Чешка на 1 јули го презеде ротирачкото шестмесечно претседателство со Советот на ЕУ. Од 1 јануари 2023 година претседавач е Шведска.