Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Кавдарци одговараше и на прашање поврзано со енергетската криза односно дали се можни рестрикции затоа што се најавуваа и потенцираше дека од оваа власт се може да се очекува затоа што тие целосно го заборавија стопанството и граѓаните.

-Едно знам дека многу пари ќе ни требаат. Најпрвин ако се сеќавате најавуваа од Владата дека ќе им требаат 150 милиони евра за да ја поминеме годината и да ја совладаме енергетската криза. После оној состанок кај Пендаровски кој што навистина не знам за што беше одржан, излегоа со бројка од 300 милиони. Еве јас ви велам 500 милиони можеби ќе бидат малку, зошто? Затоа што тие го забораваат стопанството, тие гледаат само тоа што нив ги интересира, а забораваат на стопанството, забораваат на локаните единици на управување кој што имаат екстремно големи трошкови. Еве до мене е и градоначалникот на Прилеп, директно можеме да посведочиме за огромни потешкотии во работењето на комуналните претпријатија во водоводите и така натаму, поради високите сметки на струја. Тие само сметката за струја е за 30 проценти од вкупниот приход за месец јули и месец август, за месец септември. Значи само сметката за струја, не зборувам за трошоците кои што се поврзани со оперативното работење на комуналните претпријатија и на водоводот. Замислете ако вие имате сметка за струја која што 20, 30,40 проценти го надминува приходот на вашето претпријатие, а владата ве остава на милост и немилост, вие што треба да направите?, рече Мицкоски.

Мицкоски во текот на своето обраќање потенцираше дека власта не мислеше ниту на стопанството, ниту на граѓаните односно работеа неодговорно и недомаќински и само договараат и крадеа тендери во четири очи.

-Еве слушаме дека следно ќе биде зголемување на комуналните услуги и водата, повторно ќе удирме по џебот на граѓаните и по стандардот на граѓаните. Затоа велам тие ги гледаат само директните последици. Јас велам половина милијарда можеби ќе биде малку, можеби ќе биде малку и сето тоа е резултат на неодговорното работење и недомаќинско работење, не произведуваа, кога требаше да произведуваат и да се организираат тие крадеа, договараа тендери во четири очи, кој ќе го врши превозот на увезениот јаглен, кој ќе го прави ископот во четири очи, кој ќе го вози мазутот до ТЕЦ Неготино и до Битола и Кичево. Тоа е суштината, тие тука гледаа колкава да биде провизијата, не гледаа како да ја поминеме зимата, иако предупредувавме една година претходно. Можам, да сумирам дека состојбата е алармантна и доколку нема обид од страна на Владата да се корегира, се е можно, додаде Мицкоски.