За 2,5 часа ја подготвија пекарите Александар Миладиновски, Орце Димовски и Лазе Гогинов, а ја испекоа за половина час во фурна на дрва. Во тегнењето на тестото помогнаа и мајсторот пекар Александар Јамалов со двајца негови колеги.

Претходно во 2017 година најголемата џиновска Велешка пита пастрмајлија подготвена од истите мајстори на Пекара „Ќоше“ беше долга 3,5 метри .

За Џиновската Велешка пита како што информира за МИА еден од мајсторите Александар Миладиновски, биле употребени 20 килограми брашно, 30 килограми свинско месо, 210 јајца, 500 грама свинска маст и 400 грама сол, но не ставиле овча пастрма. Сето тоа бидејќи некои од посетителите не јадат овча пастрма, иако таа е карактеристична за велешката пита пастрмајлија, ни појасни Миладиновски.

Како и секое тесто беше замесена со вода. Беше направена една џиновска топка од тесто тешка 30 килограми и оставена да нарасне на топло половина час. Потоа ние тројцата пекари од Пекара „Ќоше’ и тројцата од Фурна на дрва „Гемиџии“ заедно ја тегневме топката од тесто за да го направиме обликот на питата, а потоа сите заедно и редевме со месо и јајца и свинска маст, па заедно некако успеавме да ја ставиме во фурната, се печеше на дрва на тивко половина час и на крај беше готова, на што сите бевме среќни. Беше напорно, но секој труд се исплати ако сакаш нешто да направиш така и со џиновската пита пастрмајлија, со која посебно се гордееме сите тројца, потенцира пита мајсторот Александар Миладиновски.

Тој најави дека догодина планираат да направат уште подолга џиновска Велешка пита пастрмајлија од 4,20 метри.

Џиновската пита беше веднаш поделена на 350 парчиња на посетителите на манифестацијата. Парите кои беа оставени од посетителите за дегустирање на џиновската пита ќе бидат дадени за хумани цели, најавија организаторите.