Романот „Хотел меѓу две војни“, издание на „Арс Либрис“ се врати дома – во Битола! Романот чие дејство главно се случува во градот на конзулите, беше промовиран вчеравечер (13 октомври) во топлиот амбиент на битолскиот локал „Порта џез“. Пред присутните гости од сите генерации, Русјаков ја истакна својата љубов кон Битола и битолчани, велејќи дека отсекогаш сакал да напише роман за овој град. Иако е роден во Велес, а цел живот живее во Скопје, сепак најмногу при срце му е Битола, пред сѐ заради битолчаните.

-Чест ми е што го промовирам романот „Хотел меѓу две војни“ во Битола. Отсекогаш сум сонувал да напишам роман за љубов што никогаш не се случила… Но, и да напишам роман за Битола, од една проста причина – бидејќи одамна се имам вљубено во Битола. И тоа не во битолската архитектура и историја. Архитектурата, генерално, никогаш не ме возбудува, сеедно дали е тоа Битола, Париз или Москва, бидејќи зад секоја силна архитектура постои доволно силен земјотрес. Јас секогаш се вљубувам во архитектурата на човечката душа. Љубовта кон Битола во мене ја родија битолчаните. Во овој роман се содржат три љубовни воздишки: првата е љубов за љубовта, втората е љубов (или воздишка) за Битола, а третата е за Македонија. Што се однесува до приказната за Елени Каринте и Кемал Ататурк – отсекогаш сум сакал да напишам роман за забранета љубов, по мој терк, затоа што сметам дека забранетата љубов е најздодевната приказна на светот за раскажување… Мене ме интересира што има надвор од таа забранета љубов. Историјата, пак, за мене е една од најубавите науки. Од една страна, го знаеме фактот дека историјата ја пишуваат победниците, а од друга страна ќе ја споменам мислата на еден генијален американски писател кој вели дека „историјата е трачарка од најголеми размери“. Јас се наоѓам некаде на средината. Историјата има прекрасни приказни со коишто човек може да си „игра“. На крајот на краиштата, историјата, ако се повторува како фарса, тогаш фарсата секогаш има своја историја. Македонија нема многу познати забранети љубовни приказни. Легендата за Елени Каринте и Кемал Ататурк е веројатно најпознатата, која може да излезе од границите на Македонија. Истражував и читав неколку месеци и сфатив дека таа љубов не се случила – затоа и поднасловот на книгата е: Роман за љубовта што никогаш не се случила. Решив љубовта што не се случила да ја измислам и да ја направам да биде совршено интересна за читателите. Делото го напишав за околу еден месец – рече Русјаков.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
Промоторки на романот беа авторките Маријана Котевска-Георгиева и Фросина Пармаковска, која потсети дека „Хотел меѓу две војни“ триумфира на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“.

-Промоцијата во Битола ја доживувам како романот „Хотел меѓу две војни“ да се враќа дома. (На тие што го имаат веќе прочитано ќе им биде јасно.) Овој роман беше еден од 44 ракописи што пристигнаа на конкурсот на „Пегаз“ за 2021 година и ја освои првата награда. Како член на жирито, можам да ви откријам дека романот беше избран за најдобар едногласно, без двоумење. Ова е многу богат роман и тешко е да се опфати само еден негов аспект. Би рекла, ова Е роман-изобилство: изобилство од ликови од приказни од емоции, како роман-лавиринт во кој е пожелно да се изгубите за да го сфатите значењето на враќањето назад… И за да ги сфатите значењето на љубовта, на домот и на татковината. Ова е роман за љубовта меѓу Елени и Ататурк, а истовремено ова и НЕ Е роман за љубовта на Елени и Ататурк! Ова е приказна за победата на љубовта над сите пркоси и препреки, но и за падот на љубовта, буквално онака како што паѓа една империја пред очите на сите противници. Книгата е преполна со историски податоци за Битола, за војните, за Отоманската Империја, за создавањето на турската држава, за македонското револуционерно движење, а сепак е псевдоисториски роман. Ваквите спротивности ја создаваат неговата магија и даваат можност за негово различно толкување. Авторот им дава опција на читателите да изберат по која насока или по кој бран ќе „пливаат“ и какви ќе излезат по „прошетката“ во тој хотел (меѓу две војни). Овој роман е еден вид на отворено писмо со многу можности за читање, што е еден од најголемите квалитети на книгата – рече Пармаковска.

Котевска-Георгиева истакна дека творечкиот опсег на Русјаков речиси да не познава граници, затоа тој еднакво располага со поетскиот, прозниот, драмскиот и со новинарскиот јазик.

-Александар Русјаков непречено прелетува низ сите книжевни форми. Ова се должи на неговата идентитетската комплексност, во која важна улога играат повеќе фактори, меѓу другото неговата пасионираност кон книжевноста, кон филмот и неговата енциклопедиска информираност и исклучителниот капацитет за меморирање на фактите и пред сѐ – реткиот талент за пишување. „Хотел меѓу две војни“ е постмодерен и псевдоисториски роман, поделен на 44 глави со необично наслови. Во средината на книгата има вметнато уште еден краток роман со сосема различен дискурс, кој претставува успешен обид да се напише женско писмо. Во книгата се среќаваме со еден сосема нов, динамичен, жив авторски јазик, кој симболично можете да го замислите како голем кит, моќен и сигурен во својата егзистенција, кој нѐ качува на својот грб и нѐ носи лесно, брзо, но и сигурно од светот на сонот, во светот на јавето. Од Битола во Истанбул, од Галиполе до зачадените париски бордели. Од постелата на самотниот љубовник, низ солзите на исполнетата љубов на девојката, во магичниот свет кој живее зад вратите во хотелот меѓу двете војни. Од православниот наивен патријархат со измислени правила заради материјалистички побуди, преку исламскиот мајчински фанатизам, до модерните анархистичко-револуционерни идеи за уривање империи и за зреење на правата љубов кон татковината. Овој прозен универзум се случува и во реалноста и во фикцијата истовремено. Пред читателот се освежуваат факти и реални историски моменти, но тука се интерпретирани на јазик во кој историјата е ставена во функција на издигнување на главните јунаци, односно во функција на реконструирање на љубовната приказна на Кемал Ататурк и Елени Каринте – рече таа.