Белата куќа го критикуваше палестинскиот претседател Махмуд Абас, откако тој јавно ги отфрли американските напори да придонесат за решението на конфликтот со Израел и уште и навести дека Русија треба да игра поголема улога во посредувањето.

Абас ваквата изјава ја даде пред средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Астана, на регионален самит.

Синоќешната изјава на портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, се чини, беше првиот одговор на американската администрација на зголемените палестински критики дека не е сторено доволно за да се запрат израелските воени операции на окупираниот Западен Брег.

– Ние не и веруваме на Америка и вие ја знаете нашата позиција. Ние не и веруваме, не се потпираме на неа, и под никакви околности нема да се согласиме дека Америка ќе биде единствената страна во решавањето на проблемот, рече Абас во четвртокот во главниот град на Казахстан.

Палестинскиот лидер, сепак, призна дека САД сè уште можат да играат посредничка улога во квартетот посредници за мир на Блискиот Исток, кои ги вклучуваат ОН, ЕУ и Русија. Абас му рекол на Путин дека е задоволен од позицијата на Русија.

Белата куќа реагираше за помалку од 48 часа, а во изјавата на портпаролот на Советот за национална безбедност се изрази длабокото разочарување од изјавата на Абас, пренесоа израелските медиуми.

– Путин е далеку од типот на партнер кој е потребен за конструктивно справување со израелско-палестинскиот конфликт, се наведува во соопштението.

– Русија не се залага за правдата и меѓународното право. Претседателот Бајден, за разлика од неа, ја покажа децениската посветеност на САД да бараат креативни решенија и да работат кон траен мир потребен за зајакнување на стабилноста и просперитетот на Блискиот Исток, додаде портпаролот.

Палестинските лидери сè уште чекаат САД да го исполнат ветувањето и повторно да ги отворат мисиите во Вашингтон и Ерусалим, кои беа затворени од администрацијата на претходниот американски претседател Доналд Трамп.

Изјавата на Абас доаѓа во време на криза на довербата меѓу Палестинците и САД, бидејќи администрацијата на Трамп ги задржа средствата од Палестинците и спроведуваше политики во корист на Израел, вклучително и преместување на американската амбасада во Ерусалим.

Актуелниот претседател Бајден го врати финансирањето, но амбасадата сè уште е во Ерусалим.