Со положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје и на Партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генерал Михајло Апостолски, како и со културни и спортски манифестации, денеска ќе се одбележи 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

Собраниска делегација, предводена од потпретседателот Горан Мисовски и од пратениците Даниела Марковска и Тони Јаревски и владина делегација во чиј состав се министите за правда НиколаТупанчески, и за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министер за транспорт и врски Беким Реџепи, ќе положат цвеќе на Градските гробишта „Бутел“ и на споменикот Ослободители на Скопје, на платото пред Владата.

Детскиот културен центар „Карпош“ и година традиционално ја организира манифестацијата „Го градам мојот град 2022“, на која учествуваат децата од предучилишните установи.

Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности и креативност и да ги запознае децата колку големо значење има празникот 13 Ноември за Град Скопје.

Годинава манифестацијата ќе се одржи во виртуелно издание, од 12:00 часот на фејсбук страната и на You Tube каналот на центарот на следниот линк https://www.facebook.com/dkckarposhhttps://www.youtube.com/watch?v=4MgqgL6Oz1U

По повод празникот 13 Ноември е најавена улична трка поради што  од 16:30 до 19 часот поголем дел од линиите од јавниот превоз ќе имаат изменет режим на сообраќање од вообичаениот. Трасите на движење се објавени на веб-страницата на ЈСП „Скопје“ и на нивниот Фејсбук. 

На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.

По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.