Мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица. И затоа предложив и е во изработка закон за плати во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат врз основа на таа највисока плата унифицирани, односно ставени во една конзистентна рамка, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Висината на платите, според Ковачевски, се решава со правење на закон за плати во државата во којшто ќе се направи конзистентност, бидејќи ние, како што рече, во моментов имаме неконзистентност на платите и јас бев тој којшто го потегна тоа прашање.

– Веќе на тоа работи Министерството за информатичко општетсво и администрација. Тоа е поголем процес бидејќи се работи навистина за голема управа со голем број на плати, меѓутоа јас нема да отстапам од тој концепт дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица. А што се однесува до другите вработени тоа е предмет на колективно договарање каде што мора да учествуваат и синдикатите заедно со работодавците, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашања за месечните примања на членови на управни и надзорни одбори, Ковачевски рече дека кога се зборува за менаџирање со одредена компанија или организација, треба да се споредат перформансите со примањата.

–  Вчера опозицијата објави примања на директори на М-НАВ, кои се повеќекратно поголеми од сите примања во државата. Висината на тие примања јас не знам како е определена, бидејќи не сум се занимавал со тоа прашања. Знам дека таму при определувањето на платата има удел и меѓународните организации во кои што таа компанија членува, бидејќи се грижи за контролата на прелетите и летањето над државата. И самите видовте дека при изборот на кадри кои ќе работат таму ја прават консултантски и експертски куќи надвор од државата, изјави Ковачевски по заедничката прес-конференција со европратеничката Гарсиа.

По реакциите во јавноста за начинот на кој е воден конкурсот во М-НАВ, Ковачевски рече дека веднаш ги повикал директорите на владина седница денеска, но тоа во меѓувреме е завршено според барањата на странските експерти.

Ковачевски, посочи дека има позиции што имаат нови директори откако тој е премиер, но дека според него не треба да се прави сензационализам од тоа, туку навистина треба да се работи на начин да се изберат вистински луѓе за вистинско место.

– Досега од тие коишто јас сум ги поставил не гледам дека има некакви недостатоци во работата, туку напротив – добро си ја работат својата работа и се надевам дека така и ќе продолжат, изјави Ковачевски.