Едвај сабајле излеговме од Скопје, се пожали денеска премиерот Димитар Ковачевски во Прилеп, каде што е во посета.

Тој рече дека изутрината со неговата придружба со маки излегле од главниот град поради блокадата на крстосница кај Трговскиот центар Мавровка од незадоволните приватни автобуски превозници. Ковачевски побара од градоначалничката Данела Арсовска и локалната власт да ги решаваат проблемите.

– Таква катастрофа што и се случуваше 11 години на Македонија, сега му се случува на Скопје.  И затоа јас би им порачал власта што ја имаат во Скопје да земат да ја практицираат, затоа што од Скопје денеска едвај излеговме, бидејќи на протест се сите превозници. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа фабрика за електрични автобуси, ветуваа „брда и долини“. Во моментов Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект што им го остави минатата власт, рече Ковачевски при посетата на Тутунскиот комбинат.

Според премиерот, за нефункционалноста на превозот на ВМРО-ДПМНЕ не може да му биде изговор тоа што е скаран со Арсовска и поради тоа опозицијата да бара предвремени парламентарни избори.