На денешна средба во Стопанската комора меѓу претставници на Регуларната комисија за енергетика, државните компании НЕР и ГА-МА, како и трговците, снабдувачите и потрошувачите беше изнајдено решение за потенцијалните проблеми што може да ги предизвикаат новите најавени правила за увоз на природен гас во земјава.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, во гостувањето на телевизија „24“ истакна дека факт е оти компаниите се соочени со кратки рокови и додаде дека сите учесници на пазарот, вклучително и „Макпетрол“, немале проблем со целиот процес, туку со ризиците кои што би можеле да се појават.

За таа цел тој изјави дека ГА-МА или новата компанија која што ќе се формира наредната недела да превземат обврска да им помогнат на потрошувачите при изработката на номинациите и одредени технички работи. На тој начин е овозможено трговците и снабдувачите заедно да работат со потрошувачите во јануари со цел да се релаксира ситуацијата.

– Ризикот којшто би го превземале снабдувачите и трговците во однос на дебалансите ќе биде релаксиран и од тие причини ќенема никаков проблем сето ова да стартува од 1 јануари. „Макпетрол“ беше присутен на состанокот, дел од овие беа нивни предлози, кои што се разумни. Компанијата се согласи со новиот пристап бидејќи одредени ризици се тргнати со вклучувањето на ГА-МА. Ризиците кои што беа на снабдувачите, да не се соочат со ликвидност доколку не плаќаат одредени потрошувачи, сега ќе го превзема државата преку ГА-МА – рече Бислимоски во гостувањето на 24 ТВ.