Сопругата на украинскиот претседател, Олена Зеленска, му доставила писмо на кинескиот амбасадор во Давос, Швајцарија, во кое, како што пренесуваат медиумите, биле истакнати барањата на украинскиот претседател Зеленски за влегување во преговори со Русија и за постигнување мир.

Зеленска, која учествуваше на Светскиот економски форум во Давос, истакнала дека писмото било адресирано до кинескиот лидер Си Џингпинг.

– Се надевам дека ќе одговорат на овој повик. Единството е она што го враќа мирот. Како очекува светот да постигне климатска неутралност ако не може да го запре палењето на украинските градови – истакна Зеленска.

Иако не е позната содржината на писмото, познати се претходните барања на Зеленски за примирје, во кои, меѓу другото, се повикува на целосно повлекување на руските трупи од Украина и формирање на специјален суд за руски воени злосторства, пренесува Ројтерс.

Украинскиот претседател претходно изјави дека Русија ќе мора да ги поништи референдумите одржани во Украина. Тој побара безбедност од радијација со оглед на тоа што нуклеарната централа во Запорожје е под контрола на Русија, како и сигурност во снабдувањето со храна и извоз на украинско жито во најсиромашните земји во светот.