Огромна дивоградба никнува кај Старата скопска чаршија, а не само што нема одобрение за градба, туку нема ниту барање, објави 360 степени.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу вели дека е донесено решение за запирање на сите активности, но градењето на терен продолжува.

Во Деталниот урбанистички план има маркичка за градба на ова место, но јамата која е ископана е во многу поголем габарит од предвиденото.

Во период од дваесетина дена, огромна дупка во непосредна близина на старата Скопска чаршија прво доби тампон со песок, а деновиве веќе се носи и градежен материјал. Сето ова без одобрение за градба.

– Овој објект ние го прекинавме пред два месеца. Имаше пријава и ние постапивме одма, видовме дека габаритот не се совпаѓа во тие метри квадратни и одма ги прекинавме работните дејствија таму, вели Ганиу.

А токму додека снимавме со градоначалникот, пишува 360 степени, во работен ден, на парцелата стигна арматура за потенцијалната градба.

Според податоците од Катастарот, конкретната парцела е во сопственост на Исљам З. од скопско Копаница.

Инаку сè уште е свеж примерот со рушењето на дивоградбата кај Фонтана, за што мораше да се вклучи и Владата.

Целиот текст за новата дивоградба и видеото на 360 степени може да го отворите ТУКА.