Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека дури и ако европските сојузници на Украина одлучат да испратат борбени авиони во Киев, тие нема да бидат испратени во „наредните недели“.

„Не исклучувам ништо… но тоа не одговара на денешните барања“, рече Макрон по самитот на ЕУ во Брисел на кој присуствуваше и претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Велика Британија понуди да ги обучи украинските пилоти на западни авиони, додека Полска и Словачка размислуваат да испратат повеќе ловци Миг-29, кои Киев веќе ги користи.

Но, сојузниците на Украина се нервозни дека распоредувањето напредни западни борбени авиони би предизвикало дополнителна ескалација од страна на Москва и ризик од отворен конфликт меѓу НАТО и Русија, јавија француските медиуми.

Макрон и другите лидери на ЕУ во Брисел го поздравија Зеленски како херој и ветија дека ќе стојат покрај Украина до победата – но тие беа внимателни за неговото барање за борбени авиони.