Европската Унија најави дека расправата и предлозите за условите што ги постави косовскиот премиер Албин Курти за формирање на ЗСО треба да се одвиваат во рамките на дијалогот, пишува Коха, пренесува српски Данас.

„Дијалогот Косово-Србија е простор каде што страните можат да разговараат и да дадат предлози за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство“, оценуваат од ЕУ.

Портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Петер Стано ја истакна подготвеноста на европскиот блок да овозможи разговори за ЗСО на претстојните состаноци.

-Ги зедовме предвид коментарите на премиерот Курти во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство, презентирани во Собранието на Косово на 2 февруари. Во рамки на дијалогот има и средба на која ќе се разговара за создавање Заедница на општини со српско мнозинство, како и за секој предлог што го имаат двете страни. ЕУ е подготвена да ги овозможи разговорите за ЗСО на идните состаноци, рече Стано.

Од косовската Влада најавија дека очекуваат на следните средби да се решат овие прашања во рамките на европскиот предлог.

-Имаме пред нас европски предлог за кој рековме дека е прифатлив како добра основа за понатамошни дискусии и солидна платформа за одење напред. Очекуваме дека следните состаноци во Брисел, кога и да се одржат, ќе бидат добра можност за решавање на прашања во рамките на европскиот предлог поврзани со меѓународните гаранции, механизмите за имплементација и временскиот редослед. Потенцијалното условување од Србија на средбите во Брисел на кои ќе се разговара за ЗСО, несомнено треба да се толкува како обид на Србија да избегне дискусии за европскиот план, кој веќе го отфрли како таков, изјави портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Криезиу.