Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е точно дека Србија е центар за руски дезинформации на Балканот, како што пред неколку дена изјави американскиот дипломат Џејмс Рубин.

Вучиќ рече дека сакал да премолчи и да не одговара на изјавите на специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобално ангажирање во американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин, за да не става дополнителен товар на грбот на Србија.

„Рубин за време на посетата на Подгорица рече дека очекува Црна Гора да не се потпира на Белград и на Москва и во повеќе наврати зборуваше за Белград како центар за руски дезинформации. Тоа не е ни блиску до вистината, но зборува дека некои луѓе во американската администрација се потпрени на времето од 90-тите години кога ведреа и облачеа и имаат ист анимозитет кон Србија и кон нашиот народ“, рече Вучиќ во заедничкото обраќање со претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Според него, Србија ќе се труди да води политика на пријателство кон Соединетите Американски Држави и кон сите други.
Џејмс Рубин, шеф на Центарот за глобален ангажман во интервју за Радио Слободна Европа, 11 април 2023
Видете и ова:
Рубин за РСЕ: Не би сакале да видиме руски државни медиуми никаде во светот

„Но не сакаме, како што некои трескавично се залетуваат, во судир со Кинезите, Русите и другите, не сакаме да учествуваме во таа нивна трка, не ни паѓа на памет“, рече Вучиќ.

Рубин пред неколку дена ги посети Црна Гора, Косово и Македонија.