Македонската историја, за жал, има многу примери за загинати Македонци во братоубиствени војни, кога браќа, татко или други блиски роднини војувале еден против друг, мобилизирани во униформи на различни војски – бугарска, српска, грчка и др.

Една таква приказна од Првата светска војна, во која Македонци војувале брат против брат, еден во српска, другиот во бугарска униформа е објавена и на страницата на Фејсбук која бележи историски приказни поврзани со Македонија, преку сликарството, фотографијата и уметноста.

Во продолжение ја објавуваме приказната онака како што е објавена на оваа Фејсбук-страница:

Кон крајот на октомври 1915 година, остатоците од разбиената српска војска заедно со околу 200 илјади српски бегалци се на Косово.
Потиснати се од север од Австро-Унгарците и Германците. Нивните сојузници , Французите и Британците биле истоварени во Солун и тргнале кон север низ Македонија. Целта била да се создаде коридор од Солун до Јужна Србија по кој би се снабдувале Србите со храна и оружје.

Но на почетокот на ноември 1915 година, бугарската армија ги напаѓа Французите кај Кавадарци и Криволак и ги потиснува надолу кон Лерин. Планот практично пропаѓа. Последното упориште на српската војска во Македонија била Струга.

Во српската војска во Струга доминирале македонските „доброволци“. Ова „доброволство“ се базирало на следниов принцип: „Излези од таму кај што си се скрил и потпиши за доброволец, инаку отиде животот на децата / жената/ мајката / или отиде куќата!“ – ќе викнел српскиот офицер, а од некој долап или подрум ќе излезеле скриените машки членови од семејството и ќе облекле српски униформи.

На истиот принцип и бугарската војска собирала свои „доброволци“ од македонското население.

На 20 ноември 1915 година, бугарските офицери даваат наредба за напад на Струга. Во следните три дена, Македонци облечени во бугарски униформи, ќе ја ослободуваат Струга од Македонци облечени во српски униформи. Ќе пукаат еден кон друг – татко кон син, брат кон брат, комшија на комшија. На 23 ноември, српските офицери ќе се повлечат преку мостот на Дрим кон Албанија, оставајќи ги зад себе градот и македонските доброволци во српски униформи во заробеништво на бугарската војска.

Исто како денес во Украина, така и тогаш во Големата војна, пропагандната машинерија на победникот ја славела добиената битка како „херојска“ и „клучна“. Од Софија стигнува наредба до бугарските воени сликари да направат слики и цртежи од херојската борба на бугарската војска како ги потиснува Србите од Струга. Овие слики потоа ќе бидат објавувани во бугарските весници со која би се величела големата победа, како и умешноста на царските генерали.

На оваа команда се одзвале четирите бугарски воени сликари од 8-мата дивизија која се борела во Струга.

Двајца од нив: Димитар Гјуџенов (Димитър Гюдженов) (1891-1979) и Господин Желјазков Сербезов (Господин Желязков Сербезов) (1873-1937) ја послушале наредбата и испратиле до командата слики од херојска борба какви што командата сакала.

Но другите двајца воени сликари: Стањо Стаматов (Станю Петров Стаматов (1887-1963)) и Христо Лозев (1883-1970) се одлучиле за тивок ликовен протест. Стаматов испраќа кон Софија акварел насловен како „Братоубиство“ во кој во екот на битката за Струга лежат мртви еден до друг два браќа, еден во српска еден во бугарска униформа, повторно и вечно заедно обединети во смртта. Со акварелот Стаматов се обидува да ја раскажи македонската трагедија на бугарската јавност.

Христ Лозев пак го испраќа акварелот „Момиче од Струга“ на која е
прикажана млада и убава Стружанка покрај мирниот Дрим кој се одлева од езерото. Во сликата нема вресок на крици и пукотници од борбата, има мир, тишина и убавина. Како да смиреноста, убавината и младоста на струшката мома да се протести кон смртта и лудилото на војната.
По падот на Струга, за да не биде целосно заобиколена од сите страни, српската војска и население од Косово тргнува преку непроодните планини на Албанија и кон островот Крф на Јонското Море.

Во оваа голгота, од студ, глад, болести, но и австриски бомби ќе загинат околу 78 илјади српски војници и околу 160 илјади српски цивили. На островот Крф во јануари 1916 година пристигнуваат околу 120 илјади преживеани војници и 60 илјади цивили. Во следните неколку недели на Крф, ќе загинат уште 11 илјади Срби како последица од гангрени, и истоштеност од Албанската Голгота.

Воената среќа на Србите ќе се смени наскоро, но затоа во некоја друга приказна…

Линк до изворот: ТУКА.

(Подготвил: Д. Г.)