Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети, емотивно го доживеа освојувањето на шампионската титула, прва за клубот од Неапол по пауза од 33 години.

На синоќешното гостување против Удинезе во Удине, на фудбалерите на Наполи за заверка на титулата им беше доволен бод кој го донесе Виктор Осимен во 52. минута, откако домаќините поведоа во 13. минута преку Санди Ловриќ.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го одигра целиот натпревар во редовите на новиот италијански шампион.

„Титулата им ја посветувам на играчите кои ја заслужија оваа радост и на сите наши навивачи. Наполи, ова е за сите вас“, порача Спалети по гостувањето во Удине на кое неговите играчи имаа поддршка од 11.000 свои навивачи.

Натпреварот преку видеобим се следеше и на распродадениот стадион „Диего Марадона“ во Неапол.

За Наполи ова е прва шампионска титула по пауза од 33 години кога прославениот аргентински фудбалер Диего Марадона го предводеше клубот од 1987 до 1990 година.