Владата на СДС и ДУИ во случајот Иловица наместо за народот работи за Дестани кој важи за близок до ДУИ, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

-Компанијата на семејството Дестани добила дозвола од владата да преземе удели во Еуромакс Ресурсис, која ја има концесијата за Иловица, иако нема никакво искуство од ископот и рафинирањето на злато. Владата на СДС и ДУИ дозволила компанија на Дестани да влезе во рудник за кој самите тврдеа дека нема да се отвори. Владата согласно закон дала согласност, без која Дестани не можел да се стекне со удел во компанијата и да стане концесионер на Иловица. Дестани купил удел во фирмата, а купувањето го дозволила самата влада на СДС и ДУИ. И тоа во време кога владата ја има раскинато концесијата, и има спор пред Управен суд. Зошто ако владата бил сигурна дека рудник нема да има и ја раскинала концесијата, воопшто дала дозвола Дестани да влезе? И зошто Дестани ако не бил сигурен дека концесијата ќе биде вратена воопшто купил удели во Еуромакс Ресурсис?, прашува Митева.

Таа прашува и како магично само 15 дена откако Дестани влегува во сопственичката структура во Иловица, Управен суд носи одлука, за укинување на Одлуката на владата за раскинување на Концесијата?

-Дополнително други две прашања треба да бидат одговорени. Прво, Зошто владата дозволила Дестани да влезе во Иловица, ако и самите тврдеа дека рудник нема да има? И второ, дали власта свесно дозволила Дестани да стане концесионер, за парите од отштетата при евентуална арбитража која би требало да ја добие носителот на концесијата да отидат кај Дестани па потоа да се префрлат во СДС и ДУИ? Не се јасни намерите на власта, дали сакаат да се отвори рудникот и притоа да не знаеме какви стандарди ќе се користат и дали почвата во струмичко ќе се контаминира или сакаат да ги земат парите од арбитражната одлука и да наплатат стотици милиони без било што да сработат? И во едниот и во другиот случај СДС и ДУИ добиваат, а граѓаните губат. Во целава постапка ДУИ е реализатор, а СДС главен помагач, вели Митева.