Украинската воздушна одбрана ги собори сите 28 проектили и 15 беспилотни летала со кои Русија ноќеска ја нападна нејзината територија, соопшти врховниот командант на вооружените сили на Украина, генерал Валери Залужни, цитиран од агенциите.

Украинските власти утринава соопштија дека во нападите загинаа најмалку две лица, а исто толку се ранети во напад врз главниот град Киев, изведен во раните утрински часови. Неколку лица се повредени и во поширокиот регионот на Киев.

Сергиј Попко, началник на воената администрација во Киев, на социјалната мрежа Телеграм посочи дека меѓу повредените има и жена која со повредила од скршено стакло и дека била пренесена во болница.

Во синоќешниот напад, Украина најпрво била нападната од серија крстосувачки ракети, истрелани од Каспиското Море, по што следеше напад со дронови, лансирани од север.

Тревога за опасност од воздушен напад е прогласена низ целата земја. Има извештаи и за истрелани ракети во правец на регионот Одеса во јужна Украина.