Со кој образ владата на ДУИ и СДС води кампања дека тие се Европа, а Македонија ја тресе скандал со клиниката за Онкологија и правењето бизнис со терапијата на грбот на пациентите.

Овој скандал не е од вчера, овој скандал трае со месеци наназад, а можеби и две години. Злоупотребата на скапата терапија, која наместо кај пациентите завршувала на црниот пазар не можела да се случува без знаење на највисоките структури во клиниката и во владата.

Зошто МВР и Обвинителство молчеле цело ова време и покрај реакциите од јавноста. Зошто дозволувале некој да прави бизнис на сметка на животите на пациентите? Свесни ли дека доколку реагирале пред година или две или пред неколку месеци, нечиј живот можел да биде спасен или продолжен?

Половина да е точно она што го објавија медиумите дека пациентите биле лекувани со физиолошки раствор, а терапијата одела под рака во странство или била нудена пак на пациентите, е огромен скандал и е крајно нечовечки.

За овој скандал со злоупотреба на терапијата на клиниката на Онкологија мора да има политичка одговорност за молчењето и бавната реакција, но и темелна истрага после која ќе следи кривична одговорност. Доколку тоа не се направи сега, со овие киднапирани институции и киднапирано правосудство, одговорност ќе следи за многу скоро потоа после смената на власта.