Владата на Собранието му предложи измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.

Предложените законски измени на Кривичниот законик се доставени во Собранието со европско знаменце и веќе се ставени на дневен ред.

Според предлогот, треба да се укинат одредбите од членот 353 за затворски казни од најмалку три и пет години, и место тоа се воведува затворска казна од една до четири години. Со одредување горна граница на можната затворска казна се отвора можност за уште побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери.

Во врска со овој предлог се огласи и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој беше и вицепремиер во претходната блада на Зоран Заев и активен поддржувач на тн. шарена револуција во која се бараше „повеќе правда“.

– Владата во трчање предлага поблаги казни за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“ преку измени на Кривичниот законик во постапка со европско знаменце, со што овие кривични дела ќе застаруваат побргу. Значи ќе ја зацементираат неказнивоста со европско знаменце? Ваква злоупотреба на сѐ „европско“ ќе влезе во учебници! Измените се туркаат на мала врата, покрај други измени за кои се наведува основ во европски директиви, но во образложението за измените нема никакво објаснување за намалувањето на казните за овие две кривични дела. Од нема правда нема мир, дојдовме до нема казна, нема одговорност, напипша Димитров.

Паролата „нема правда, нема мир“ беше една од главните во шарената револуција со која се бараа казни за актерите од власта која ја наследи СДСМ, а сега и со европско знаменце бараат помали казни за криминалот и актерите од сегашната власт.