Секој ден излегуваат се помонструозни детали од скандалот на Онкологија. Имено според информациите во јавноста пациенти со канцер кои починале продолжувале да се водат како пациенти на клиниката и се издавала терапија на нивно име. Колку и кому му биле издавани скапи цитостатици? Дали е точно дека странски државјани биле лекувани со цитостатици на сметка на фондот? Дали ваквите малверзации се причината поради која клиниката во последните три години западнала во милионски долгови, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Да потсетиме дека пред неколку дена медиумите известија дека и мајката на поранешниот економски директор била заведена во системот како пациент со канцер иако имала само анемија. Колку вакви случаи на фиктивни болни биле запишувани, додека пациенти кои вистински биле болни од канцер не можеле да добијат терапија или третман?

За сето ова мора да има одговорност, како кривична, така и политичка. Власта нека не бега, туку нека прифати собраниска комисија на која ќе се разгледа овој монструозен скандал на грбот на пациентите. Да се открие кој и колку милиони евра направил тргувајќи со терапијата наменета за болните, која наместо бесплатно да се дава на осигурениците со дијагноза, бича препродавана на црниот пазар во Македонија и во други земји. Власта на СДС и ДУИ предизвикаа распад на целиот систем. Скандалот со Онкологија е најморбидниот од сите досегашни криминали кои се случиле и истиот не бил возможен без знаење и одобрување од страна на власта, додаваат од партијата.