Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска ги праша надлежните во ОН зошто на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, му е дозволено да присуствува на самитот во Њујорк и покрај инвазијата врз Украина.

Володимир Зеленски при посетата на болница во Њујорк, каде се лекуваат украински војници ранети во војната со Русија, кажа дека светските претставници треба да сносат одговорност за ваквата одлука.

-За нас е многу важно нашите партнери да ги слушнат сите наши зборови и пораки. Доколку во Обединетите Нации се уште, што е штета, има место за руските терористи, тогаш тоа е прашање за сите членки на ОН, рече Зеленски.

Украинскиот претседател подоцна денеска ќе има обраќање пред светските претставници на Генералното собрание на ОН, а утре на седницата на Советот за безбедност на ОН ќе зборува за војната во Украина.

Се очекува на оваа седница свои забелешки да има Сергеј Лавров. Исто така, тоа ќе биде првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина Лавров и Зеленски да се сретнат „лице в лице“.

Кога директно беше прашан дали ќе остане во просторијата за време на говорот на Лавров, украинскиот претседател само кажа: „Не знам како ќе биде, навистина“.