Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската комисија за транспорт и врски Владо Мисајловски вели дека реално е да се сомнева секој еден од нас, дали е можно да заврши актуелниот проект за автопатот Кичево-Охрид за некој друг после да го продолжи.

Мисајловски во гостувањето во Македонско радио истакна дека доколку власта имала желба и сакала, овој автопат досега бил завршен.

-Поминаа седум години, ветуваа илјадници километри дека ќе направат, а сведоци сме дека немаат завршено ниту еден километар автопат СДСМ и ДУИ. Би прашал, ако е проектот проблем, зошто досега не направија нови проектански решенија за сите спорни проблеми. На секој инфраструктурен проект имало и ќе има проблеми. Ако ВМРО-ДПМНЕ можеше да ги заврши Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Штип каде имаше слични предизвици, што правеа тие седум години за автопатот Кичево-Охрид, вели Мисајловски.

Смета дека власта бара алиби за се, изговори за евентуално раскинување на договорот со „Синохидро“ и преземање на изградбата од страна на компанијата „Бехтел и енка“.

-Тие може да бараат алиби за се. Во Тетово алибито беше продолжен кабел, за Онкологија се уште нема алиби, ќе видиме што ќе биде. Секогаш некој друг ќе биде крив. Суштината е дали овој проект ќе се заврши, ова е проект за граѓаните. Надзорот е од лица кои се стручни за тоа. Важно е да видиме што правел надзорот на траса. Никој од нас не ги видел овие документи за да направиме правична проценка, вели Мисајловски.

Тој додава дека власта треба да достави до Собранието дали се планира раскинување на договорот или се планира продолжување.

-Ќе има огромна промена на следните избори, како на претседателски така и на парламентарни бидејќи на народот му е доста од вакви алиби продолжни кабли, секој да е крив, само власта не, нагласува Мисајловски.