Доколку МВР водено од Оливер Спасовски ги преземеше сите мерки за пронаѓање на сега убиениот Панче и неговото возило, убиството на Вања можело да се спречи. Наместо инаетење, Спасовски и власта треба да преземат одговорност, ова денеска преку прес-конференција го истакна Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Со денови прашуваме, а Спасовски бега и манипулира. Сега ќе ја обелодениме вистината. На 4 декември, кога Спасовски држи заедничка прес конференција со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче рече:

-Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“. Спасовски овде го излажа народот. Вистината е следна. МВР знаело на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања.

Тој додава дека ова е телеграма од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември.

-Оваа телеграма е доказ дека МВР на Спасовски знаела дека возилото на Панче е исчезнато уште од 22 ноември, но за жал не преземаат ништо. Напротив, полицијата по однос на овој случај презема акција 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма. По оваа прес конференција очекуваме врвот на МВР да преземе одговорност, затоа што доколку навреме реагирале уште на 24 ноември и објавиле централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена. Спасовски и врвот на МВР мора да преземат одговорност, за случаи како овој никогаш да не се повторат. Криењето на овој податок има само за цел амнестија на Спасовски и врвот на МВР од политичка одговорност и ништо друго, вели Ковачки.