Американските и британските сили започнаа воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен, соопштија американските власти.

Двете земји предупредија дека ќе следат напади доколку продолжат ракетните напади врз бродови во Црвеното Море.

Тоа е првиот голем одговор откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и сојузниците предупредија дека милитантната група поддржана од Иран ќе се соочи со последици за нападите со беспилотни летала и ракети врз комерцијални бродови во Црвеното Море.

Американски официјален претставник, како што јавува Би-Би-Си, соопшти дека нападите биле извршени од авиони, бродови и подморници. Тој посочи дека се работи за масовен напад со употреба на ракети „Томахавк“ лансирани од бродови и борбени авиони.

Целите на Хутите вклучуваа логистички центри, системи за противвоздушна одбрана и складишта за оружје, изјавија официјални лица.

Ова е прв американски напад врз Хутите во Јемен откако групата почна да напаѓа со беспилотни летала и проектили товарни бродови во Црвеното Море во ноември.

Бајден потврди дека нападите биле извршени по негова наредба против „бројни цели во Јемен што ги користат бунтовниците Хути за да ја загрозат слободата на пловидба во еден од најважните водни патишта во светот“.

Тој изјави дека нападите ги извршиле американските сили „заедно со Обединетото Кралство и со поддршка на Австралија, Бахреин, Канада и Холандија“.

„Денешната одбранбена акција следи по обемна дипломатска кампања и ескалација на нападите на бунтовниците Хути врз трговски бродови“, рече Бајден во писмената изјава.

Тој додаде дека САД и сојузниците „нема да толерираат напади врз персоналот или да дозволат непријателски актери да ја загрозуваат слободата на навигација на една од најважните светски трговски рути“.

Тој предупреди на можно продолжување на нападите, пренесува Си-Ен-Ен.

„Нема да се колебам да насочам дополнителни мерки за заштита на нашиот народ и слободниот проток на меѓународната трговија колку што е потребно“, заклучи Бајден.

Со реакција се огласи и британскиот премиер Риши Сунак.

Во изјавата објавена во исто време со онаа на Бајден, британскиот премиер вели дека кралските воздухопловни сили учествувале во нападите врз „објектите што ги користеле бунтовниците Хути во Јемен“.

„Обединетото Кралство секогаш ќе ја поддржува слободата на пловидба и слободниот проток на трговија“, рече Сунак.

„Затоа, презедовме ограничени, неопходни и пропорционални активности за самоодбрана, заедно со САД, со неоперативна поддршка од Холандија, Канада и Бахреин, против цели поврзани со овие напади, со цел да ги ослабне воените способности на Хутите и да се заштити глобалното поморство“, додаде британскиот премиер.

Сунак ги обвини Хутите за „серија опасни и дестабилизирачки напади врз комерцијални бродови во Црвеното Море, загрозувајќи ги британските и другите меѓународни бродови, предизвикувајќи значително нарушување на важната трговска рута и зголемување на цените на стоките“.

„Тоа не може да пројде“, предупредува Сунак.

На крајот тој испрати порака до Хутите и ги повика „да престанат со нападите и да преземат чекори за деескалација“.

фото: ЕПА