Група млади од Лежа, на чија територија е планирана изградба прифатни центри за имигранти, денеска протестираат пред Уставниот суд во Тирана, кој расправа за уставноста на договорот со Италија за имигрантите.

– Против сме формирање на прифатни центри во нашата околија, што е предвидено во договорот меѓу премиерот Еди Рама и неговата колешка Џорџа Мелони. Бараме поништување на договорот, бидејќи тој е неуставен и опасен преседан, порачаа тие.

Уставниот суд денеска го разгледува барањето на 30 пратеници од опозицијата, од групата на Сали Бериша и Газменд Барди, кои бараат поништување на договорот, кои сметаат дека се прекршени сите закони и оти претставува опасност по националната безбедност.

Највисоката судска институција во Албанија се очекува да го каже своето и да одлучи за судбината на многу дебатираниот договор Рама-Мелони за сместување на најмалку три илјади бегалци месечно, односно 36 илјади годишно, кои се фатени во обид илегално да влезат на италијанскиот брег.

Претходно судот ја суспендираше ратификацијата на договорот во Законодавниот дом, кој истиот го имаше ставено на дневен ред.

Договорот има важност од пет години со можност за негово продолжување.

Двата центри треба да се изградат во северот-западниот дел на Албанија, околија Лежа, кај пристанишниот град Шенѓин и поранешната воена база Ѓадр. Центрите за пет години, Италија ќе ја чинат над 650 милиони евра.