По нерешениот резултати со Хрватска и Шпанија, ракометната селекција на Австрија одигра уште еден трилер-натпревар на Европското првенство во Германија и во рамки од првото коло од втората фаза ја изненади Унгарија и извојува победа од 29-30 (17-17).

Унгарците фуриозно влегоа во натпреварот. Постигнаа три гола во низа и таа разлика ја чуваа подолго време, а кон средината на полувремето за првпат поведоа и со +4 (8-4). Но, во продолжение следуваше неочекуван пад во играта на Унгарија и значително подобро издание на Австрија. Тоа донесе возбудлив финиш на полувремето. На пет минути до крајот Австријците за првпат израмнија (13-13), а до крајот двете селекции постигнаа по уште четири гола (17-17).

По паузата во Келн се водеше голема битка. Унгарија за нијанса подобро го отвори второто полувреме, но не успеа да задржи континуитет, па Австрија во 42. минута за првпат поведе на натпреварот (22-23). Во последните пет минути се влезе со 27-27, а така беше и до самиот финиш, кога Билик презеде одговорност во последниот напад на Австрија и со погодок од тешка позиција донесе огромна радост на австриските фанови во Келн.

Токму Билик со осум и Хутачек и Вебер со по шест гола беа предводници на Австријците во оваа победа, додека за Унгарија по четири гола имаа Роста, Лекаи и Банхиди.