САД објавија иницијатива за борба против дезинформациите што ги шират авторитарните влади со нова алатка за справување со овој проблем – Рамка за спротивставување на манипулации од странски држави.

Според Вашингтон, странските манипулации со информацијата и вмешаноста се закана за националната безбедност како на САД така и на сојузниците и партнерите.

-Авторитарните влади користат манипулација на информацијата да ja раскинат ткаенината на слободните и демократски општества. Тие манипулраат со социјалниот дискурс, ги искривуваат националните и интернационалните дебати на теми од критична важност и ги поткопуваат демократските институции, се вели во синоќешното соопштение на Стејт департментот.

Оттаму укажаа дека напорите вклучуваат работа со сојузниците за „развивање координирани одговори на манипулациите со странски информации и заштита на слободните и отворени општества“.

-Оваа транснационална закана бара координиран меѓународен одговор, се вели во соопштението.

Иницијативата на САД вклучува обезбедување на заштита на изборите од странско мешање и заштита на маргинализираните групи, како и слободата на изразување.

Исто така, се повикува владите да имаат посветени институции за да го координираат меѓународниот ангажман и „дигиталната комуникација заснована на факти за манипулација со странски информации“. САД, исто така, се залагаат за инвестирање во дигиталната безбедност и за владите да ја заштитат улогата на независните медиуми.