Повреденото четириипол годишно девојче од Струмица тежело едвај 8 килограми и освен неухрането во струмичката болница било однесено во толку тешка состојба што веднаш била неопходна реанимација, објавува Сител. Било премрзнато и со многу рани по телото. Директорката на струмичката болница вели дека за прв пат во нивната установа мајката побарала помош за детето.

-Детето за прв пат е кај нас, донесено е на дежурство во исклучително тешка состојба со компромитирано дишење, со декубитни рани и дежурниот тим, хирург, анестезиолог и педијатар го реанимираат, го стабилизираат и со оглед на смнителната состојба исклучително потхрането, со нејасни повреди и смрзнаници со најава е пратено на детска клиника, вели д-р Катерина Кузмановска, директор на општа болница Струмица.

Како четиригодишното девојче од Струмица кое е под интензивен мониторинг на Детска клиника е доведено во состојба на неухранетост? Колку долго живеело со повредите и скршениците и дали навистина тие се последица од напад на куче како што кажала мајката? Во каква семејна заедница живее детето?  На овие прашања одговорите треба да ги дадат неколку институции кои по барање на обвинителството треба да направат вештачења.

-ОЈО Струмица издаде сет наредби за вештачења со цел да се утврдат причините за повредите. Наодите од вештачењата се очекуваат, велат од обвинителството.

Состојбата на детето кое веќе четврти ден е во болница е стабилна, велат лекарите, но постојано е под медицински надзор. Со него во болничката соба е и мајката.

Пред неколку недели поради тешли повреди почина двегодишно дете од Кичево, за кого мајката првично кажуваше дека се последица од игра. Но подоцна првичната истрага на полицијата покажа дека е жртва на семејно насилство за што е осомничен таткото.