По тринеделниот зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат во училишните клупи за да ја продолжат наставата од второто полугодие на 2023/2024 година. Ќе имаат уште еден, пролетен одмор, од 29 април до 6 мај 2024, што е новина оваа учебна година.

Ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17 јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17 јуни. МОН ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование.

За основците, Владата дополнително ќе треба да одлучи како ќе бидат надоместени двете неработни среди кога треба да се одржат изборите (24 април и 8 мај) и дали учебната година во основните училишта ќе заврши два дена после 17 јуни.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени за реализација во календарот за работа на годишно ниво. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири.

Покрај пролетниот распуст за сите ученици и продолжената учебна година за основците, новина во второто полугодие ќе биде и постепената примена на нов електронски дневник (Е-дневник). Како пилот-проект ќе се воведе во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава за да се отстранат евентуалните слабости пред да се употребува во сите училишта. Изготвен е со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови.

Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето – пад на системот поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди. По реакции на наставниците, повторно беше воведен хартиен дневник, а воедно почна и ИПА-проект за креирање нов електронски дневник кој ќе биде пофункционален од претходниот.

За време на зимскиот распуст, Владата на предлог на МОН, усвои два предлог-закона – за средно образование и за средно стручно образование и обука, кои треба да ги заменат актуелните од 1995 и 2007 година. Тие се проследени во Собранието и се очекува да бидат донесени од овој пратенички состав. Министерот Шаќири ги повика парламентарците да ги изгласаат новите закони затоа што постојните, како што рече, не соодветствуваат со реалноста.

Фото: МИА архива