Мандатарот на идната техничка влада, Талат Џафери денеска се очекува до Собранието да го достави составот и програмата на идната техничка влада. Според најавите, пленарната седница за избор на преодната влада треба да се одржи во недела, но од собраниската прес-служба, поточни информации за терминот за одржување на седницата најавуваат за денес попладне.

Техничката влада се избира на 100 дена до парламентарните избори закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.

Вчера, Собранието во рамки на 139. седница ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.

Вчера и шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада, а по добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

-Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, рече Џафери, изразувајќи надеж дека преговорите ќе кулминираат со соодветен состав на Владата.

Џафери, кој досега ја извршуваше функцијата претседател на Собранието, при примопредавањето на функцијата на новиот претседател на Собранието, во изјава за медиумите рече дека не се сомнева оти  Mитрески ќе одговори на должноста и на одговорноста што произлегува од функцијата.

Митрески беше избран со 64 гласа „за“ и 40 „против“. Пратениците од Европскиот сојуз на промени не присуствуваа на седницата поради бојкот.

Во обраќањето пред пратениците, Митрески рече дека останува отворен за соработка со сите пратенички групи.

-Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата, рече Митрески, изразувајќи уверување дека заеднички ќе продолжат да ја јакнат демократијата.

Во текот на собраниската расправа, пратениците од СДСМ и коалицијата посочија дека самиот факт што зад Митрески застанале пратеници од најголемиот број парламентарни партии во Собранието зборува не само за неговиот кохезивен потенцијал, туку и за довербата што пратениците ја имаат во него и неговото искуство да ја преземе функцијата без проблем. За опозицијата, пак, Митрески не може да го поправи она што се случувало во изминатите шест години во законодавниот дом затоа што и тој, директно или индиректно бил учесник во процесите и настаните во кои, како што посочија, наместо интересите на граѓаните, во прв план биле личните интереси и партиските пазари.

Мартин Костовски од СДСМ рече дека Митрески е човек кој целата своја енергија ја дава за подобар развој и подобра иднина на неговата држава и дека и во многу наврати покажал одговорен пристап во вршењето на функцијата пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми изрази уверување дека со изборот на  Митрески за претседател, Собранието ќе продолжи да работи во согласност со европските принципи и стандарди, правилата и процедурите предвидени во Уставот, Деловникот за работа и законската регулатива, но и во интерес на граѓаните.

– Сметам дека предлогот досегашниот кординатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Митрески да биде избран за претседател на Собранието е најдобриот избор што можевме да го направиме, доколку сакаме да продолжиме по патот кој сите го трасиравме изминативе речиси седум години, рече Адеми.

Според координаторот на опозициската  ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, законодавниот дом бил „непресушен извор на самоволие“, место на преседани и недемократско однесување и потфрлил во улогата да биде контрола на извршната власт.

-Во овој мандат видовме се и сешто, но не и европско собрание… Најмногу скандали и преседани во просек за ден. Деловникот на Собранието како никогаш досега беше погазуван и непочитуван и речиси немаше вредност и тежина, со негова селективна примена…Кршење на Етички кодекс на пратениците, среде Собранието беше погазуван и Уставот.., рече Мицевски.

Јавното обвинителство итно и приоритетно да постапува по предметите што се во врска со одлуките и мерките за спречување на коронавирусот, препорака до сите работодавачи таму каде што е можно

Во состав на преодната влада, прв заменик премиер на Владата, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто таа останува и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на овие места предложени се Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри кои доаѓаат од редовите на СДСМ. Актуелниот шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а на министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од редовите на СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа. За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Од ДУИ и Алијанса на Албанците, за МИА потврдија дека остануваат со истите кадри.

Фото: МИА