Дарко ЈАНЕВСКИ

Ако се суди според новинарските сончогледи, оние кои носеа железни опинци и јадеа по вреќа сол само за да го донесат Заев на власт и со пуч да го сменат името на државата, затворајќи ги оние од „27 април“ на по 101 година како во турско, оние кои го сметата за свој животен дострел друштвото и сликањето со Белгиецот Ваан Хојте кој не пропушташе да го навредени македонскиот народ, на СДСМ веќе уште сега може да му се отсвири реквиемот на Моцарт.

Навистина, има и такви кои уште од порано се ставија на услуга на Белата палата, па имаме еден неприроден сојуз, кој предизвикува повраќање како од лош алкохол, меѓу прогонетите од хунтата на Заев и оние што се гушкаа со тој режим, но редот сега, се чини станува се поголем. А, настрана анкетите, тој ред е најдобар показател дека крајот на Ковачевски и СДСМ е тука, зашто хиените имаат незаменлив инстинкт и способност за мирис кои им овозможуваат оддалеку да ја препознаат реата на умреното тело.

Тоа се истите хиени за кои Заев беше Нобеловец, кои го поддржуваа кога лажеше за Смиљковското Езеро, кога замижуваа додека се крадеа милиони, додека Ден Дончев „трпаше“ снопчиња пари во торба, кога на очиглед на сите се распродаваше Македонија, кои се гордееја со Преспа и со Договорот со Бојко Борисов… а сега од партизани кои ја пееја Бела чао, станаа комити со истопорени ками, за кои Ќосето стана угледна личност од македонската илинденска историја и чија статуетка, да ја имаат, би си ја ставиле на работата маса за да им служи како доказ колку се тие „Македончишта“.

Тоа што е уште поинтересно е дека реквиемот веќе одѕвонува и во ушите на голем број функционери од СДСМ. Многу од нив, барем според тоа што може да се разбере од Бихачка, се свесни за поразот што следува, но се надеваат дека барем, од една страна ќе го ублажат, а од друга, ако се однесуваат фино во овој период, ќе ги одмине казната за сите злодела што се правени во овие седум години. За таа цел ќе истурат многу пари, ќе плаќаат на сите страни, што легално, што нелегално, трудејќи се да го однесат ВМРО-ДПМНЕ што подалеку од фамозната бројка од 61 пратеник, што не значи дека кампањата на СДСМ ќе биде жестока. Нејзините рамки веќе ги исцрта Ковачевски и таа ќе се сведе на лажното убедување на населението дека сега живее многу побогато од порано, небаре тоа население не знае каков сиромашен живот води, на празната и излитена пропаганда за избор меѓу ЕУ и Русија, меѓу Исток и Запад и на непостојниот факт дека сме ги почнале преговорите, по кој знае кој пат, со ЕУ.

При сето ова, дури и Битиќи признава дека правеле грешки, како да се работи за некој безначаен сообраќаен прекршок, не сфаќајќи дека станува збор за колосална катастрофа, за колапс во кој ја донесоа Македонија, само и само затоа што тоа им беше овозможено од Брисел и Вашингтон, а со цел да ја задоволат грчката желба за присвојување на историјата и врз чија конструкција се изградени илјадници кариери на западни научници.

Така што, останува во кампањата да се бори ДУИ, кому Европскиот сојуз за промени му дише зад врат, иако јасно е дека, ако ЕСП стигнал на само еден процент разлика во шестатта изборна единица, а во идниот период ЕСП може само да расте, а не и обратно, и за партијата на Али Ахмети не цветаат рози. Но, тука барем ќе има борба и ќе се види колку албанскиот гласач е подготвен да си ја проба среќата со друга опција, наместо со сегашната чиј единствен дострел е што обезбедува доволно автобуси за што повеќе Албанци да се иселат од Македонија.

На другата страна е ВМРО-ДПМНЕ која може да направи катастрофална грешка ако уште отсега помисли дека работата е готова. Напротив, партијата може да стигне до бројката од 61, само и само ако се однесува како да губи на анкетите или барем како да е изедначена со СДСМ, а не дека насекаде води со најмалку 2:1. Само така ќе може да се забие глоговиот колец во мртвото тело на СДСМ.

Зашто колку и да е слаб, СДСМ не смее да се потцени никогаш.  Посебно што ВМРО-ДПМНЕ нема да ја има слободата од страна на меѓународната заедница која му беше дадена на мафијашкото дувло на Заев и, после само неколку месеци, откако новиот СДСМ ќе застане на нозе, ќе почне жестока пропагандна кампања против власта на сегашната опозициона партија, на која сегашните медиумски вмровски приврзеници не се способни да се спротивстават, комбинирана со притисок од надвор за исполнување на Францускиот предлог. А, за тоа треба да се размислува уште од сега.