Претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието ќе добијат најголемо зголемување на платите откако пратениците го изгласаа предлог-законот за платите на избраните и именуваните функционери, пренесува press24.mk

Согласно новите коефициенти, највисоките државни функционери ќе добијат покачување на платите од 2.154 денари. Со тоа претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Јован Митревски и техничкиот премиер Талат Џафери следниот месец, ќе добијат по 156.792 денари за февруарската плата.

Во Владата, различни плати ќе земаат различни функционери. Па така, вицепремиерите ќе добијат 139.193 денари, министрите по 128.793 денари – плата која ќе ја добие и генералниот секретар, додека нивните заменици по 118.394 денари.

Во Законодавниот дом по спикерот, највисока плата ќе земат потпретседателите. Во март нивната плата ќе се зголеми за речиси 2.000 денари, а на нивната трансакциска сметка ќе легнат 139.193 денари. Новата плата на пратениците ќе изнесува 121.593 денари, додека генералниот секретар ќе земе нешто повеќе, односно 128.793 денари.

И во судиите и јавните обвинители ќе добијат покачување на платите. Највисока плата ќе добие претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. На нејзината сметка во март ќе легнат 139.193 денари, што е покачување за 1.737 денари. Претседателката на Врховниот суд ќе добие 128.793 денари. Истата сума ќе им легне и на Државниот јавен обвинител, како и на останатите уставни судии. Судиите во Врховен ќе земаат плата од 118.394 денари, додека нивните колеги во Апелација ќе добијат плата од 111.594 денари. Најниската плата е резервирана за судиите во Основните судии. На нивната трансакциска од март секој месец ќе легнуваат по 97.195 денари.

Покачување ќе добијат и градоначалниците. Секако највисока плата и најголемо покачување ќе добие градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во март Градот ќе и исплати 128.793 денари. Првите луѓе на поголемите општини, односно оние кои имаат над 50.000 жители ќе добиваат плата од 118.394 денари. Нивните колеги кои раководат со општини во кои живеат помалку од 10.000 жители ќе земат драстично помала плата – 93.995 денари.

Извор: Прес 24