Пратеникот Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија на Македонија обвинува дека незаконска распределба на земјоделско земјиште. Тој во фејсбук статус обвинува:

Решение во временски период од 15 дена, во 4 чекори за решавање на проблемот наметнат од Љупчо Николовски за договорите за закуп на земјоделското земјиште во Свети Николе:

Крајно несериозен и неприфатлив е односот на ресорниот министер Николовски за Договорите за закуп на земјоделското земјиште во Свети Николе, особено со второто Соопштение до собраниската Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, очигледен пример како надвор од законот Извршната власт се меша и врши притисок врз Законодавната власт. Кога министер директно се обраќа до пратеник и претседател на собраниска комисија, прескокнувајќи го премиерот и претседателот на Собранието.

Во случајов се работи за 84 и повеќе корисници на земјоделско земјиште во Свети Николе, на кои по сила на закон им истекол Договорот за закуп. Тие во рокот на важење на договорите уредно и благовремено, согласно член 39 став 5, а во врска со член 1 од Закон за Земјоделско земјиште доставиле Барање за продолжување на договорите, со што е започната управна постапка, а површините ги засадиле – посеале во производната 2023 година и очекуваат род во реколта 2024 година.

Не е јасно што правел Николовски до 14 февруари 2024 година, зошто не постапил согласно овластувањата од член 39 став 1. Тоа е денот кога се распишани Изборите и кога во сила стапува Изборниот законик за доследна примена на член 8а и Законот за изменување и дополнување на Законот за Влада објавен во Службен весник број 140 во 2018 година.

Со непостапувањето на ресорниот министер до денес, јасно е дека „молчењето е одобрување од Управата“, односно министерот е должен да си ја заврши работата според Закон.

Во однос на Соопштението од министерот до собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во кое е наведено дека корисниците на закуп ќе бидат избришани од ЕРЗС и дека наводно нема да добијат субвенции, повеќе од јасно е дека ресорниот министерот не разбира дека „предходно површините се посеани во 2023 година, а родот се чека во 2024 година“, а уште повеќе и за фактот дека не станува збор за раскинати договори за закуп со Изјави за раскинување заради непочитување на договорните обврски, туку за престанување по сила на закон во однос на рокот на важење, како и за фактот дека тие повеќе од уредно и благовремено поднеле барање за продолжување, но МЗШВ затаило или неодговорило со постапувањето, односно продолжувањето со што тие неможат да бидат избришани од евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности.

За појаснување на ресорниот министер и тие што го советуваат, за сè што не е уредено со одредбите од договорите за закуп важат одредбите од Закон за облигациони односи. На закупците не им е одземено владението, тие и понатаму го владетат и го користат, а според Законот за сопственост и други стварни права член 126 и член 127, каде е уредено дека посеани или засадени растенија кои пуштиле корен се сопственост на оној кој ги посеал/засадил согласно и облигационото право, стануваат и сопственици на плодот/реколтата, што значи на корисниците на закуп им следуваат субвенциите.

Во прилог на ова и како пример, токму на барање на Владата на Република Македонија и тогаш предводена од СДСМ и ДУИ, Државната комисија за спречување на корупција во 2017 година кога биле распишани Избори за градоначалници и за совети на општините, со писмен акт Мислење за повеќе прашања, заведено под број 44/4620/2 од 17.08.2017 година, ја известува за тоа што е дозволено и како да се постапува во време на избори…
Така во точка 53 повеќе од јасно се има произнесено дека од аспект на одредбите од Законот за спречување на корупција во услови на распишани избори „Постои законска пречка до Собранието да се доставуваат текстови на предлог закони и нивни измени“ …
Во точка 66, од аспект на одредбите од Законот за спречување на корупција во услови на распишани избори, јасно се има произнесено дека „Не постои законска пречка во однос на законот за земјоделско земјиште да се склучуваат договори со непосредна спогодба“.
Вакво мислење има и во 2015 година…

Кој е начинот како да се реши проблемот:

Согласно Законот за Влада, ресорниот министер и дополнителниот заменик министер заеднички со врзан потпис потребно е да достават Допис до Државната комисија за спречување на корупција со итност во постапувањето за добивање на позитивно мислење;
Согласно Законот за Влада, ресорниот министер и дополнителниот заменик министер заеднички со врзан потпис, согласно член 39 став1 од Законот за земјоделско земјиште, да достават Допис и до Државното правобранителство, за добивање на позитивно мислење;
Со овие две позитивни мислења, согласно Законот за Влада ресорниот министер и дополнителниот заменик министер заеднички со врзан потпис да достават Информација до Владата на Република Македонија со предлог за секој поединечен корисник од тие 85 корисници, а ќе бидат повеќе, да се донесе Одлука за склучување на Анекс на Договор за закуп;
По донесената Одлука за секој поединечно да се изврши објавување во Службен весникна РМ;
По објавата во Службен весник на РМ, согласно Законот за Влада ресорниот министер и дополнителниот заменик министер потребно е заеднички со врзан потпис да ги потпишат сите Анекси на договорите.

На овој начин и според овие чекори, не случајно создадениот проблем, се решава не за 2 месеци, како што несериозно и паушално кажува Николовски, туку во рок од 15 дена.