Француската екстремно десничарска партија Национален собир води во анкетите за претстојните избори за Европскиот парламент, со 12 отсто разлика во однос на владејачката коалиција на „Ренесанса“, покажува анкетата што вчера ја објави интернет телевизијата BFMTV.

Екстремната десница, чија листа ја предводи младиот Џордан Бардела, би добила 29,5 отсто од гласовите, а центристичката коалиција „Ренесанса“ на францускиот претседател Емануел Макрон би добила 17 отсто.

Според резултатите од анкетата на групата Елаб за BFMTV и на весникот „La Tribune du dimache“, останатите партии нема да го надминат изборниот праг од 10 отсто.

Еколошката партија би добила 9,5 отсто, Социјалистичката партија 8,5, а радикално левичарската „Непокорена Франција“ 7,5.

Што се однесува до десницата, Републиканската партија би добила седум отсто од гласовите, а екстремно десничарската листа предводена од Марион Маречал би добила 4,5 отсто.

Според истражувањето, 50 отсто од Французите се заинтересирани за изборите за ЕП закажани за 9 јуни, а најголема грижа им е војната во Украина.

Околу 65 отсто од Французите се загрижени дека војната во Украина може да се прошири и во нивната земја.

По неодамнешната изјава на Макрон дека не е исклучена можноста за испраќање западни војници на украинска територија, 79 отсто од Французите гласаа против предлогот.

Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од малку над 1.500 возрасни испитаници, од 5 до 7 март.