Уставните измени се условот на двата политички блока, Европскиот фронт  и коалицијата ВРЕДИ за формирање влада по изборите. Во изборната дебата на ТВ21,кандидатот за претседател од ВРЕДИ, Арбен Таравари рече дека откако ќе го добие мандатот, ќе отпатува во Брисел за да побара гаранции од Европскиот совет дека нема да има други условувања освен овие сегашните за уставните измени.

„Со ова да се вратиме на Македонија, од мандатарот кој ќе го добие мандатот за формирање влада, да се побара динамика со рокови за реализација на уставните измени. Не велам за еден, два, три месеци, но да не биде повеќе од 6 месеци. Тоа ќе се реализира и натаму, Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ“, порача Арбен Таравари.

И за Европскиот фронт услов за коалицирање ќе бидат уставните измени, а кандидатот за претседател, Бујар Османи рече дека доколку биде избран, ќе се залага за државен надпартиски консензус за интеграција на земјава во ЕУ.

„Веднаш по изборите, нашиот услов за да бидеме дел од влада, се уставните измени. Нема да прифатиме никаква коалиција со партии кои ги кршат четирите начела. Преспанскиот договор, Охридскиот договор, Договорот за добрососедство и ветинг од меѓународен одбор“, вели Бујар Османи.

За условувањата за уставните измени, Таравари рече дека имаат џентлменски договор меѓу двата блока.

„Сигурно г. Ахмети ви кажал, ние имаме џентлеменски договор, ВРЕДИ и ДУИ. Дека нема да влеземе во Влада која нема да ги спроведе уставните измени, џентлеменски договор“.

„Тоа е важно, затоа зборуваме“.

Нема сомнежи за тоа дека некоја албанска партија може да стане дел од власта.