Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел телефонски разговараше со шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, за напорите на ЕУ да ја забрза воената поддршка на Украина.

„Повторно разговарав со министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, за напорите на ЕУ да ја забрза воената поддршка на Украина, особено кога станува збор за системите за противвоздушна одбрана и муницијата. Им се обраќам на земјите-членки на ЕУ да ги поканат да ја идентификуваат достапната опрема што и е потребна на Украина“, напиша Борел на платформата Х.

Тој изјави дека на следниот заеднички состанок на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ, на 22 април, „мора да се здружиме со опипливи заложби и акција“.

„Украина не може да чека“, додаде шефот на европската дипломатија.

Кулеба изјави дека украинската страна знае каде се наоѓаат системите Патриот и работи на сите нивоа на зајакнување на украинската противвоздушна одбрана.

Украинското Министерство за надворешни работи на својот канал на Телеграм, соопшти дека Кулеба и Борел разговарале за „чекорите преземени во согласност со инструкциите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за испорака на дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина“.

фото:МИА архива