Пактот за миграција е уште еден клинец во ковчегот на Европската Унија, напиша денеска на Х унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Единството е мртво, веќе нема сигурни граници. Унгарија никогаш нема да попушти пред лудилото на масовната миграција. Ни требаат промени во Брисел за да ја запреме миграцијата, нагласи Орбан.

Пактот за миграција и азил предвидува правила за управување со приемот и преселувањето на барателите на азил. Новите правила предвидуваат побрз преглед на барањата за азил, вклучително и на границите на ЕУ, подобрена идентификација на лицата при пристигнување и задолжителна проверка на безбедноста, ранливоста и здравјето за луѓето кои нередовно влегуваат во ЕУ, како и подобра реакција на кризи и нова шема за доброволно преселување на бегалците од трети земји. Земјите-членки можат да изберат помеѓу преземање одговорност за барателите на азил, давање финансиски придонеси или обезбедување оперативна поддршка.

Според новите правила, луѓето кои не ги исполнуваат условите за влез во ЕУ ќе бидат предмет на процес на проверка пред влезот, вклучувајќи идентификација, собирање биометриски податоци, здравствени и безбедносни проверки, во период до седум дена.

Земјите-членки ќе треба да воспостават независни механизми за следење за да обезбедат почитување на основните права. Податоците на оние кои нередовно доаѓаат во ЕУ, вклучително и отпечатоци од прсти и слики од лицето постари од шест години, ќе се чуваат во реформираната база на податоци на Еуродак.

Надлежните органи ќе можат да снимаат дали постои можност некој да претставува безбедносна закана или да бил насилен или вооружен.

Во однос на солидарност и одговорност, со цел да им се помогне на земјите-членки на ЕУ кои се под притисок на миграцијата, другите членки ќе придонесат со преместување на барателите на азил или корисници на меѓународна заштита на нивната територија, со давање финансиски придонеси или со обезбедување на оперативни и технички поддршка.

Ќе се ажурираат и критериумите според кои земјата-членка е одговорна за разгледување на барањата за меѓународна заштита, таканаречените Даблински правила.