На Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, наместо национално единство за мораториум. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, порача вечерва од Струга претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг на Коалицијата за европска Македонија.

Коментирајќи го синоќешниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на митингот во Охрид, за македонско единство и за мораториуми, тој заклучи дека се повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во, како што нагласи, главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ.

– Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски, кои нема да се откажат од нашата европска иднина, додаде Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски било истото ВМРО-ДПМНЕ, кое на чело со Груевски 11 години, како што рече, ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.

-Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ, а потоа ќе ја обвинуваат Европската Унија за сѐ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ, рече Ковачевски.

Главен фокус на неговата партија, нагласи дека останува членството во Европската Унија, за државата да напредува.

Тој вети и 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија за достоинствен живот на пензионерите, како и други финансиски мерки за нивна поддршка, потсетувајќи на зголемувањето на пензиите за 55 проценти.

– Јас и моите другари од СДСМ и од коалицијата за европска Македонија сме подготвени да работиме ден и ноќ за да го реализираме барањето на граѓаните за попросперитетна држава, со новата програма за европска иднина. Оваа програма е реална, остварлива и нема откажување додека секој ред од неа не стане наша реалност, рече Ковачевски.