„ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата одвнатре, а ја изолираше надвор. Тоа е Македонија – држава на стиропор, на насилници, на криминалци, заплашени медиуми, на шепотење и страв“, ги потсети Скопјани претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во главниот град на државата.

Тој го посочи токму Скопје како пример каде на дело се гледа негрижата и несериозноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Ковачевски, Скопје е сведено на целосно запуштен град, со валкани улици, катастрофален јавен превоз и рекордно загаден воздух.

Не само што не се извинуваат, туку сакаат истото да го повторат и во целата држава, порачува Ковачевски и додава дека ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат ниту еден збор што ќе прават и како ќе работат.

„Сакаат да добијат доверба на вересија, на поклон, без еден збор од одговорност или некаква програма“, изјави претседателот на СДСМ, Ковачевски и порача дека тој план на ВМРО-ДПМНЕ нема да помине и дека граѓаните сакаат и заслужуваат друго, подобро и поуспешно.