Радуловиќ: Да се биде дел од Вардар Јуниор лигата значи создавање навика и дисциплина за спортски живот

Поврзани вести

Валентина Радуловиќ, е меѓу најпрепознатливите спортски имиња во македонскиот женскиот ракомет. Поранешната ракометна репрезентативка и победник на лигата на шампионите, со големо интернационално искуство, денеска работи со најмладите категории на деца, кои ги обучува на ракометните вештини и игра. Таа е дел од тренерската екипа во Шампион Вардар, а на нејзините тренинзи се децата од возраст од 2009 до 2011 година, како и постарите од 2004 до 2006 година.

Со Радуловиќ разговараме за нејзината инспирација да стартува да работи со најмладите, како изгледа тренингот, како и колкаво е влијанието на проектите на Ракометната академија Вардар, зимскиот турнир “Еден живот, една љубов” и Вардар Јуниор лигата, врз најмладите.

Богатата ракометна кариера ја заменивте со тренерска работа, и сега сте дел од тренерскиот тим во Шампион Вардар. Како е да се работи со деца?

Искрено, се одлучив за тренерска кариера поради синчето. Уште на 4 -годишна возраст го забележав дека е левак, односно играчите со лева рака се многу ретки, а се и многу примамливи во ракометот. Затоа и се одлучив да почнам да работам со деца, иако претходно немав таква желба. Но, сега можам да кажам дека работата со децата, нели и со мојот син, ми создаде едно привлечно чувство и интересно е да се работи со нив. На часовите се приклучи голема група на деца на возраст од 2009 до 2011 годиште, и сакам да работам со нив, прекрасни се. Можноста да се натпреваруваат во Вардар Јуниор лигата, како и на зимскиот турнир, кои се во организација на Ракометната академија на Вардар многу влијае врз развојот на овие деца и нивно вклучување во ракометот. Само да ја видите нивната возбуда кога го облекуваат црвено – црниот дрес, чувствата на гордост и желбата за натпревар кои потоа влијаат и на нивниот тренинг и развој како потенцијални ракометари.

radulovik2

На натпреварите од Вардар Јуниор лигата го забележавме и вашиот син, понекогаш е играч, понекогаш голман. Но, полесно е или потешко да се биде тренер на сопственото дете?

Сѐ уште е рано да се каже дали ќе биде играч или голман, зашто децата на таа возраст сакаат сѐ да пробаат, а подоцна се открива која позиција најмногу им одговара. Иако, јас преферирам да не е голман. На тренинг сум тренер подеднакво за сите деца. Уште кога излегуваме од дома со синчето се подготвуваме дека таму не треба да ми се обраќа со мамо, туку со тренер. Мило ми е што успеав да му вметнам да има почит кон секој тренер. Не мене да ме гледа само како мајка, туку и како секој друг тренер. И, многу сум строга на тренинг.

Со која генерација на момчиња и девојчиња работите во Шампион Вардар?

Заедно со Димитар Бадев работиме со групите на возраст од 2009 до 2011 година и со 2004, 2005 и 2006 година. Групите ги водиме заедно зашто има многу деца, односно тоа се над 100 деца, и невозможно е еден тренер да ја води.

Се замислувавте ли некогаш како тренер?

Никогаш не се замислував и немам амбиции. На еден натпревар од зимскиот турнир помагав со генерацијата 2002 девојки, со кои работи Лина Треновска, и за мене беше многу напорно зашто сум многу темпераментна. Не можам да поднесам пораз, и за среќа тогаш го победивме Делчево и го освоивме турнирот во нашата генерација.

radulovik1

Да постоеја вакви проекти како Вардар јуниор лигата и во минатото мислите ли дека уште повеќе деца ќе го засакаа ракометот и ќе имаше ли многу повеќе ракометари?

Можам да кажам дека проектот на Вардар е повеќе од потребен зашто обезбедува развој на нова ракометна младина. Кога бев дете, постоеше љубов кон ракометот, имаше и желба да се игра, но немаше ракометни школи како сега. Ме радува што за кусо време, лигата стана масовен проект, односно има над 650 деца од цела Македонија. Ако продолжи вака да се работи, тоа ветува создавање и на нови домашни играчи.

Вашите почетоци како играч беа во тинејџерските денови, а сега границата за почнување е многу намалена. Сметате ли дека е добро кога од мали нозе се учат ракометните вештини?

Јас почнав да тренирам многу доцна, односно од 17 години. Можеби затоа ми е чудно кога денес гледам родители кои ги пуштаат децата да тренираат уште на 4 години, но мислам дека ваквата промена ќе ја донесе и промената во македонскиот ракомет за која сите зборуваат. Веќе на возраст од 6 до 7 години децата се вклучуваат во еден тренажен процес и стекнуваат навики за спортски живот. Не е тоа дека на 7 години може да кажеме дали ќе биде врвен спортист. Но, создава навика и дисциплина за спортски живот. Односно, на време да доаѓа на тренинг, што значи околу 15 минути пред да почне часот тие да се веќе во сала. Потоа на оваа возраст стекнуваат и подобра координација. Односно, тоа се навики кои на 17 годишна возраст, кога си тинејџер е тешко да ги стекнеш.

Како изгледа тренинг со најмладите?

Благодарение на Вардар имаме целосна опрема што е потребна за тренинг. На часовите има околу 30 деца, но со спортската дисциплина што ние ја вметнуваме кај дечињата е многу лесно да се работи. На тренинг вообичаено се работи на координацијата, како и движење и вежби со топки, скокови, постојано имаме нешто ново, некои полигони кои за нив се многу интересни. Секој тренинг е различен.

Шампион Вардар од почеток е дел од турнирите и лигата кои се во организација на Ракометната академија Вардар. Како континуираните натпревари влијаат на развојот на децата?

Континуирано сум на натпреварите со малите, но се надевам дека од септември ќе има друг распоред зашто сега играат заедно деца на возраст од 2006 до 2009 година, а три години е многу разлика на нивна возраст. Но, децата се многу интересни за време на натпреварите и потоа. Се внесуваат во играта, и ако изгубат после натпреварот не сакаат ни да разговараат. И син ми е нервозен ако изгубил. Се гледа дека имаат победнички дух, а лигата многу влијае на нивниот напредок.

Сигурно ги следиш натпреварите од Вардар јуниор лигата. Во кои градови и екипи има најголеми таленти?

Има талентирани деца од сите градови, и можеби затоа би сакала да има и една селекција за 2008-2009 година. Сега таква селекција нема, можеби затоа што се и мали, но има талентирани деца. Ако се направи една селекција со 15-20 дечиња, со нив може да се работи и верувам дека од некои ќе излезат квалитетни ракометари.

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top