Македонија меѓу петте највисоки земји во Европа

Поврзани вести

Со просечна надморска височина на државата од 832 метри, Република Македонија е петта земја по височина во Европа. Според конфигурацијата на теренот, западниот дел од земјава е повисок, во просек 935 метри, а источниот е со средна висина од 662 метри над морето. Ова ја вбројува државата во планинско-котлинска земја, со честа смена на планини и котлини. Причините за таквиот релјеф се сложените геолошки, тектонски и ерозивни процеси кои дејствувале со стотици илјади, па и милиони години.

Инаку, највисока европска држава е Андора. Нејзината просечна височина е 1996 метри. Ја следи Швајцарија со 1305 метри, потоа Црна Гора со 1040 метри и Австрија со просечна надморска височина на државата од 935 метри. Освен Црна Гора, сите останати држави на Балканскиот Полуостров, се просечно значително пониски од Македонија. На пример, соседна Албанија има просечна висина од 708 метри, Грција 505, Бугарија 470 метри, Словенија 557, Босна 670 метри…

Најмногу градови до 700 метри

Аналогно на ова, само два од вкупно 34 градови во земјава се распослани на надморска височина под 100 метри и еден над 1000 метри височина. Само градовите Гевгелија и Богданци лежат под 100 метри надморска височина, а Крушево пак е единствен град кој целосно е над 1000 метри и со тоа убедливо е највисок град во Македонија (1220 метри). Неговите највисоки делови достигаат речиси до 1300 метри, што е повисоко и од некои планини. Градот Пехчево е втор највисок град во земјава, се протега на планински појас помеѓу 960 и 1050 метри.

крушево

Топографските карти, сателитските снимки, дигиталните модели на релјефот и специјален ГИС софтвер покажуваат дека надморската височина на градовите се зголемува одејќи од излезот на Вардар, Струмица и Црни Дрим кон горните, изворишни долински делови на овие реки и нивните притоки. Како што ќе забележи д-р Ивица Милевски, професор од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, најмногу градови има помеѓу 600 и 700 метри надморска височина, дури 10, а најмногу пак население има во три градови кои лежат помеѓу 200 и 300 метри. Во однос на топографијата, според професорот, интересно е што висинската разлика во градовите е доста голема: од 155 метри кај Скопје, 130 кај Крушево, Кратово и Велес до само 4 метри кај Струга и 30.-тина метри кај Гевгелија и Демир Капија. Сепак, со оглед на површината, најголема висинска разлика имаат Крушево и Кратово, што се гледа и во нивната физиономија. Големите висински разлики кај градовите се поради нивната положба покрај ридско-планинските падини, а типични целосно рамничарски градови речиси и да нема, освен Струга и донекаде Гевгелија.

Ваквите согледувања и анализи даваат уште поинтересни податоци за Република Македонија.

Имено, прецизните мерења на сателитските снимки од понов датум покажуваат дека Гевгелија не е градот што е најблиску до море, како што се смета. Сепак е тоа селото Сретеново во општина Дојран кое е оддалечено од Егејско Море и Солунскиот залив точно 60, 25 километри. Поточно, како што ќе забележи професорот Милевски, најјужниот дел во атарот на ова село е и најблиската точка на Македонија до некое море, со само 57, 15 километри далечина.

Практично, пред Гевгелија која е на 63, 5 километри од Егејот, поблиску до морето се гевгелиските села Селемпија со 60,8 километри, Богородица со 62 километри, Стојаково со 62,6 километри и Стар Дојран кој е на 61, 6 километри.

Еднакво интересен е податокот што се однесува на блискоста на земјава до Јадранско Море. Мерењата и тука покажале дека најмалата оддалеченост на Македонија до него е само 72, 5 километри. Најблиската населба пак до Јадранот е онаа од другиот крај на Македонија, селото Спас во општина Дебар кое е на само 74, 5 километри подалеку од него. Градот Дебар, пак, е на точно 78 километри од Јадранско Море. Но, за разлика од Егејот чие силно влијание се чувствува во населените места блиски до него, климатското влијание на Јадранско Море во Дебарскиот крај речиси и да го нема поради планинската конфигурација на теренот.

Земја на впечатливи врвови

Македонија е особена и по фактот што има најголем број планини во однос на својата површина, не само во Европа, туку и пошироко. Имено, според д-р Милевски, Република Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 13 се повисоки од 2 000 метри. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 интересни и впечатливи планински врвови, од кои 85 над 2 000 метри.

Највисокиот врв во земјава е Голем Кораб на планината Кораб. Иако не е шпицаст, туку заоблен, важи за еден од ретките маркантни врвови за кој и денес се тврди дека е повиок дури и од Триглав во Словенија (2864 метри), иако според топографските карти и други официјални документи Голем Кораб е висок 2753 метри. Односно, дека има височина од околу 2750 до 2760 метри, што според д-р Милевски се поклопува со некои понови топографски карти и геодетски мерења од крајот на 1980.-тите години каде Голем Кораб фигурира како врв со 2753 метри надморска височина. Втор по височина во земјава е Титов Врв кој е воедно и највисок врв на Шар Планина. Поранешните геодетски мерења покажуваат дека врвот е висок 2747 метри или само 6 метри помалку од Голем Кораб. Секако, на Шара не треба да се занемари и преубавиот врв Љуботен.

Не помалку атрактивни се и врвовите Пелистер со 2601 метри на планината Баба, Солунска Глава, 2540 метри на Јакупица, Кајмакчалан 2520 метри на Ниџе, Голем Крчин со 2341 метри на планината Крчин, Црни Врв 2257 метри на планината Јабланица, врвот Магаро со 2254 метри кој е трет по височина врв на планината Галичица (највисок е Плаја е Пусит, 2288 метри но важен по тоа што од него има прекрасен видик кон Охридското Езеро на запад и на исток кон Преспанското Езеро. Тука се и Зелен Брег со 2166 метри кој е највисокиот врв на планината Кожуф, па Меденица со 2163 метри височина на планината Бистра.

велосипедизам

Бидејќи најдобар начин да се запознаат убавините на една земја е таа да се разгледа без моторно возило, што ќе рече преку рекреативно пешачење и планинарење, со велосипеди па и со јавање на коњи, а во интерес на туристите и љубителите на природата, под покровителство на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, беа поставени над 100 големи планинарски инфо-табли за 40-тина пешачки и 10-тина велосипедски патеки низ некои од најатрактивните делови од земјава. Меѓу нив на Шар Планина, Кораб, на Бистра, Пелистер, Јакупица, на Малешевските Планини, на Козјак и Матка…Вкупната должина на сите картирани патеки изнесува 1000 километри, од кои на пешачките 800 километри. Картите се изработени во соработка токму со д-р Ивица Милевски како автор на дигиталните пристапи и решенија. Ваквиот оригинален визуелен пристап ќе продолжи и на други атрактивни локалитети, со крајна цел да привлече што повеќе домашни и странски туристи.

Кети Мицковска за МИА

#Коментари

Останати вести од оваа рубрика:

Коментари

коментари

Back To Top